Македонија посакувана дестинација за work and travel на младите од Европа

Времињата се менуваат

Времињата кога нашите млади одеа во странство да вртат плескавици во „МекДоналдс“ и да шетаат кучиња на пензионери се изгледа само дамка во минатото на оваа држава. Стабилната економија, добрите меѓуетнички односи, можноста за просперитет и искачување на социјалните скалила се само дел од причини поради кои младите остануваат во државава. Не само што остануваат овие фактори придонесуваат Република Македонија да е атрактивна и за младите од Европската Унија.

За ова сведочи и последниот пример каде што млади од Холандија дојдоа тука да работат преку лето за да можат да имаат пари кога ќе се вратат назад во својата матична земја. Досега тие се воодушевени од Македонија за која велат дека изобилува со толерантен народ, опуштен живот и можности за младите, со еден збор сѐ што им недостасувало во Холандија.

„Јас сум од Утрехт. Таму младите живеат безидејно, затоа сум тука. Собирам ѓубре за почеток, но се надевам дека ќе ми се отвори можност да останам тука и еден ден можеби да возам камион за ѓубре“, вели 21-годишниот Јан, студент по електротехника.

Јан со солзи во очите ги моли граѓаните да фрлаат ѓубре како не би морал да се врати во Холанидија

Срдечно во пресрет на младите невработени Холанѓани излегуваат и македонските граѓани. Во манир на солидарност тие сѐ уште ќе фрлаат ѓубре на улица како овие млади не би останале без работа и парче леб.

Се очекува во наредниот период да дојде контингент на млади од Норвешка кои ќе го чистат Охридско Езеро од пластични шишиња, машини за перење, школки од „Застава 101“ и искористени кондоми.