LEAVE ГОЦЕ ALONE: Топ 10 работи од кои би се одрекле за Гоце Делчев да остане наш

Време е да се соочиме со вистината!

За Гоце Делчев да остане македонски – ќе мора од нешто да се откажеме. Исто како со името. Затоа, Фчерашни спреми листа од топ 10 работи кои сме подготвени веднаш да им ги отстапиме на источните соседи, а за возврат бараме само да ни го остават даскалот.

Скопје 2014. Прекрасни градби, многу стиропор, барокни фасади, Триумфална капија… Како создадено за, на пример, Пловдив 2022.

Фото – Википиедија

Сите политичари после 1991. Ова е доста практично, затоа што најголем дел од нив веќе имаат бугарски пасоши.

Јован Јованов. Доаѓа во пакет со Елвир Мекиќ, како скриен адут кога ќе преговараме за Јане Сандански.

Боки 13. Совршена можност за идниот лидер на земјава да стекне меѓународно искуство, пред да се врати и да ја освои власта тука.

Традиционалниот појадок на мост. Ќе им го подариме на браќата Бугари целиот концепт, заедно со традиционалните сендвичи со растителен кашкавал.

Тенковите што Бугарија ни ги подари во 2001. Фала, ама фалеа многу делови.

Сотир Костов и другите професионални аналитичари. Не знаеме колку е ова примамливо, ама е добра можност да им ги тупнеме.

Пругата кон Бугарија. Градена со многу љубов и целосна посветеност над 20 години. Со тешко срце.

Возниот и пловниот парк на МПЦ. Иако конечната одлука ќе ја оставиме на синодот, мислиме дека автомобили и глисери во вредност од неколку милиони евра се мала цена за еден великан како Делчев.

Орце Камчев. Која земја не би посакала милионер, кој во исто време е и жесток борец за правда и слобода?! Всушност, тие најдобро си го знаат.

*Бонус

*Песната „Империја“ на Лозано и Есма. Оди во пакет со секоја точка од листата.

Имајќи го предвид ставот на нашите соседи, дека македонскиот јазик е само бугарски дијалект, листава ја доставивме до амбасадата на Република Бугарија без да го преведеме текстот и засега не добивме никаков одговор.

Драги наши соседи, изборот е ваш!