ЈА ЗГРЕШИЛЕ ЧЕТ-СОБАТА ЗА ОНЛАЈН ПОЛАГАЊЕ: Несакајќи дипломирале медицина

Раде В. и Блерим Ш. од Скопје, редовни студенти на економскиот факултет на еден наш анонимен приватен универзитет, сосема случајно станале доктори по медицина, откако добиле погрешна онлајн адреса и наместо на испитот по менаџмент, се вклучиле на последниот испит на медицинскиот факултет.

Според нивното сведоштво, тие во чет-собата се задржале помалку од десет минути и веднаш откако им станало јасно дека се наоѓаат на погрешно место се исклучиле, но и покрај тоа софтверот го регистрирал нивното присуство и им ги испратил дипломите на домашна адреса.

Диплома со еден клик! Има ли поубаво?!

Од универзитетот не сакаа да го коментираат овој конкретен случај, само кратко изјавија дека во желбата да помогнат и да испечатат што повеќе дипломи за да се пополни недостатокот од медицински кадар, сега кога ни е најпотребен, вакви превиди се нормални.