ШОКАНТНО: Екипата на „Фчерашни“ најде задоволен Охриѓанец

Во Дојран на западот, Ерусалим на Балканот и градот меѓу Ресен и Струга се случи чудо кое како што велат и најстарите жители на овој град, а како што велат биолозите ова не го памти ни чинарот кој го посадил Св. Климент Охридски.

Главен лик на оваа приказна која е како од најпознатите научнофантастични новели на Ниче Македон, е Ѓорѓија Митаноски кој е сопственик на стан за изнајмување кој го добил преку ЕМО Охрид во 80-тите, а инаку живее со семејството во Лескоец.

„Да, точно е, имам стан на „Туристичка“, уреден во последниот крик на внатрешното уредување од 1987-ма година, со фрижидер „Слобода“ – Ободин, телевизор „Горење“, гарнитура „Маргарита“, бојлер и сѐ што му треба на семејство од источна Македонија да помине недела дена во нашиот бисер од град“, го почнува разговорот Ѓорѓија.

„Има и топла вода секој втор викенд“, ни изјави Ѓорѓи

И кога нашата екипа очекуваше да почне да се жали како нема туристи, ѝ се случи неочекуван пресврт.

„Задоволен сум“, вели Ѓорѓи додека на нашите лица се шири изненадување. „Оваа сезона не можам да се пожалам, не дека не сакам, навика ми е ама сега навистина станот ми е издаден до 25-ти август, на малиот му купив и веспа, не е лошо“.

Сепак ова не е без последици. Туристичката комора на Охрид се огради од ставовите на Ѓорѓија Митановски објаснувајќи дека една ластовичка не чини добра сезона во Охрид и дека тие не се задоволни. Побараа државата да им помогне со субвенции или барем да воведе задолжителна посета на Охрид од страна на секој платежно способен граѓанин на државата. Како што додаваат тие, во Охрид немало добра сезона уште од далечната 1941-ва кога имало наезда на италијански и германски туристи, по што дошле и туристи од Бугарија.