ТАЖНА ПРИКАЗНА НА ЕДЕН ШТИПЈАНЕЦ: Рано ранел, а не зграбил ниедна среќа

„Кој рано рани, две среќи граби“ се вели во народот. Ова изгледа не важи и за 57 годишниот Мирче Танев од Штип, невработен, татко на две полнолетни деца, сопруг, пријател, но пред сѐ човек.

Како што ја почнува својата приказна Мирче тој во текот на вчерашниот ден се разбудил околу 4 часот и 37 минути што според сите параметри на МАНУ е рано за станување и касно за легнување. Кога веќе бил буден во ова време, а до отворањето на обложувалницата имало уште четири часа тој решил да не презаспива.

„Ден како ден. Четри и пол, живо пиле не пее нигде. Си реков сега ми е шансата да зграбам две среќи. Знам дека сум малер, од мал сум таков па си реков, ајде Мирче, ако не две барем една ќе зграбиш“ раскажува со солзи во очите 57 годишниот Штипјанец.

Од можни две, Мирче зграбил точно нула среќи

Но залудно. Тој не успеал да зграби ни 50% од среќите кои се загарантирани со Устав ако рано раниш. Како што вели тој видел двајца сомнителни во костуми и Мерцедес кои можеби му ги однеле среќите. Тој се сомнева дека тие воопшто рано не ранеле, туку не спиеле цела ноќ за да му ги земат среќите.

„Животот продложува, тоа е.. А и веќе имам 57 години, сега одново да почнувам со среќа е малку касно. Нека ги носат двете среќи“ заклучува тажно тој.