РЕФОРМИТЕ И ЕВРОИНТЕГРАЦИИТЕ ГИ ЗАГРИЖИЈА ГРАЃАНИТЕ: Немаме инспирација за 5000 пораки дневно!

Откако премиерот Заев во интервју за германски весник се пофали дека дневно чита и одговара на 3 до 5 илјади пораки од граѓаните, до нашата редакција стигнаа писма од неколку редовни пишувачи кои се жалат дека после откочувањето на евроинтеграциските процеси и реформите кои се спроведуваат, мака мачат да најдат тема за која би му се пожалиле на премиерот.

– Неиздржлив е притисокот со кој се соочуваме. Имаше денови, на почетокот на мандатот, пишував и по 20 смс-и дневно ама откако ни се отворија вратите на НАТО и ЕУ нема за што да се пожалиш. Се’ е цакум-пакум. Во последно време се јавувам по роднини во странство да ми кажат некој проблем, да имам што да пишам. – вели М. З. од Скопје.

Премиерот Зоран Заев одговара на СМС додека држи говор

Тој додава дека, за доброто на сите, мора да се најде некоја златна средина и да се забави со реформите и процесите на интеграција затоа што ако продолжи овој тренд, не ќе можат да стигнат ни до 1000 пораки, па премиерот ќе нема што да работи.