ПРОТЕСТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ПО РАМКОВЕН: Трудниците и хронично болните што седат дома ни ја земаат работата

1500 вработени по Рамковен, идниот петок ќе излезат на голем протест против трудниците, хронично болните, родителите со мали деца и сите други што поради коронакризата седат дома и земаат плата, затоа што ги оставиле без работа.

– Ова е срамен плагијат за кој некој ќе мора да одговара. Не може ние што го измисливме овој концепт да останеме без работа или (не дај боже!) да се префрламе во приватниот сектор заради неработници што немилосрдно го цицаат буџетот. Бараме од Владата веднаш да ги врати на работа, а средствата за плати да ги пренасочи кон нас и еднаш засекогаш да го реши нашиот проблем. – рече за Фчерашни еден од организаторите.

Протестот ќе започне пред Собранието на РМ и ќе трае цел работен ден од 12:00 до 14:00 часот, а ќе заврши со мирна прошетка до клиниката за гинекологија и клиниката за инфективни болести, на која демонстрантите директно ќе им го кажат своето мислење на плагијаторите на нивниот „труд“.