ПРОТЕСТИ ВО БАРСЕЛОНА: Се бара оставка од Заев

Масовни протести ја тресат престолнината на несудената Каталонска република – Барселона. Според извештаите кои доаѓаат од градот на ФК Барселона тензијата на улиците од ден на ден расте, а не се исклучуваат ни судири помеѓу силите на законот и демонстрантите.

„Доста е од хунтата! Доста е од оваа ненародна власт во Македонија“, извикуваат милиони грла низ Барселона на протестите организирани на социјалните мрежи. Тие бараат да се врати линијата Скопје – Барселона и назад како овој град после политичката, не би западнал и во економска криза поради недостатокот од македонски туристи.

Револтот и загриженоста се очигледни

„Останав без работа! Сега нека дојде Заев да ми ги храни децата!“, вели Родриго кој досега работел како рецепционер во хотел со четири ѕвездички, а е отпуштен откако хотелот е затворен.

Експертите сметаат дека доаѓаат црни денови за економијата на Барселона и на Каталонија после одлуката да не се продолжат субвенциите од страна на Владата на Република Македонија.

„Што имате вие против Шпанија, господине Заев?“, во потресно ТВ обраќање до нацијата запраша шпанскиот премиер неможејќи да ги сокрие солзите.