ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ „БЕГСТВО“: Груевски киднапиран од вонземјани

МВР направи и фото-робот на осомничените киднапери според изјавите на очевидците

Откако премиерот Заев на прес во Владата јавно се посомнева дека Груевски можеби е киднапиран, новите сознанија од истрагата одат во прилог на неговите сомнежи.

Така, според изјавите на очевидци кои се затекнале околу домот на Груевски пред доаѓањето на судскиот курир, над зградата подолго време лебдел необичен објект во форма на чинија, кој само неколку минути пред курирот да затропа на вратата на екс-премиерот, пуштил сноп бела светлина кон неговиот стан.

– Врз основа на овие сведочења направивме целосна реконструкција на настанот и сигурни сме дека ова е најверојатното сценарио за исчезнувањето. Во моментов работиме на утврдување на ентитетот на киднаперите, како и сончевиот систем и планетата од која доаѓаат. – рече главниот детектив на случајот.

И Меѓународната Вселенска Станица се вклучи во потрагата по екс-премиерот

По новите докази кои испливаа на површина, од Владата најавија дека одговорност за исчезнувањето ќе бараат од Македонска вселенска агенција која ќе биде оформена до крајот на месецов и дополнија дека веќе се во тек преговорите за потпишување на договор за екстрадиција со НАСА и со Меѓународната Вселенска Станица (МВС), според кој без разлика на која планета се наоѓа господинот Груевски, по пронаоѓањето тој ќе биде уапсен и екстрадиран на Земјата.