Само неколку дена откако правосудните органи заминаа на колективен одмор и ги одложија истрагите за крајот на летото и од Синдикатот на џепчии, провалници и други ситни криминалци најавија дека неговите членови ќе одмараат во истиот период.
– И покрај тоа што власта ни е нелојална конкуренција, ние сакаме чесно да си го заработиме лебот, па сметаме дека ќе биде неправедно доколку продолжиме со нашите активности додека правосудни органи одмараат. – вели лидерот на синдикатот, г-инот Н.Н. лице.

Експерите со кои разговаравме сметаат дека оваа одлука на обичните криминалци нема негативно да влијае врз растот и развојот на криминалот во земјава, затоа што политичките партии и понатаму ќе продолжат да работат 24/7.