ПОРАДИ РЕСТРИКЦИИТЕ: Партиите на Задушница нема да ги посетат своите гласачи во Бутел

Претставници на најголемите политички партии денес соопштија дека на Задушница нема да ги посетат вечните почивалишта на своите најверни гласачи и ќе ја одложат кампањата „Од гроб до гроб“ за некои подобри времиња.

Сепак, ова не ги обесхрабри да се обидат да стапат во контакт со своето гласачко тело во распаѓање, па со помош на најдобрите јасновидци и пророци од регионот ќе ја пренесат пораката за подобар и побогат задгробен живот.

– Знаеме дека нема да биде исто затоа што гласачите преферираат средби во живо, ама тоа е. Да сме живи и здрави, после чумава ќе се видиме лице во череп и ќе си кажеме се’ што имаме. – додаваат тие.

Експертите сметаат дека и покрај откажувањето на кампањата, 100% од гласачите сместени во Бутел ќе излезат на избори

Фчерашни проба да стапи во контакт со станарите на гробиштата во Бутел и да ги праша дали овие промени ќе влијаат врз нивната одлука кому да го дадат својот глас на изборите, но од другата страна наидовме на мртва тишина.