НАЈАВЕНО ПОСКАПУВАЊЕ: 6 Начини да поминете поефтино во Охрид

Спремни за на плажа?
Дуци на летување

Во Фчерашни си работевме и за време карантинот, и за време на празниците и за време на делниците изминативе 8-9 месеци, па сега одиме на заслужен одмор! Каде?Во Охрид, секако. По најавата за зголемување на цените буквално на се во македонскиот Ерусалим, еве неколку совети како да заштедиме летово:

1. Научи охритски

Охридските келнери се прилично либерални со цените па така иста пијачка може да чини двојно повеќе кога ја нарачува скопјанец, отколку, на пример, битолчанец. Затоа е корисно да се знаат неколку фрази на чист охридски кои ќе ти бидат од корист на местата на кои излегуваш. Оваа точка можеше и да се вика “избегнувај скопски” ама што е, тука е. Фрази што ќе ти помогнат: 1. Шо бе двеста денари, не сум од Скопје, море! 2. Ќе можит едно пиво? 3. Ева, ева, се изначекав море, од Скопје дан го носиш скопското?!

2. Организирај си еднодневен одмор со јадење од дома

Многумина од вас ќе речат: Како мене не ми текна ова? И во право сте! Навистина е генијално. Значи, земаш патлиџани, пиперки, кромидче, сиренце, ракииче од дома и палиш за Охрид на плажа. Таму внимаваш госпожата да остане во добро расположение за покасно да спржне некое јајце на плинското и затоа ги чуваш децата во вода додека кожата не им стане два броја помала. Потоа го оставаш ѓубрето зад себе и пичиш во ноќта накај дома. Вреди да се проба!

3. Паркирај во Струга

Охрид е познат по екстремно скапиот паркинг, па доколку веќе сте направиле таков пропуст и сте дошле со автомобил, најдете начин да ги избегнете паркинзите во градското подрачје и да паркирате некаде на периферија. Струга е добар избор за паркинг затоа што е на 15ина км од Охрид, па ќе имате можност да ги протегнете нозете пред да излезете во град (ова пошо охриѓани викет за Струга дека е село до Охрид – авторот на текстот се оргадува од тој став)

4. Летувај во Струга

Кога веќе имаш бесплатно и слободно место во Струга, остани таму! Прошетај до Дримот, седни на кејот, помини низ чаршијата, уживај во струшките плажи со мирисот на запалена трска што гори за да направи место за нов шанк покрај езеро. Сѐ на сѐ, Охрид е убав, ама како Струга нема друга, затоа што таа го има најубавиот поглед на свет – гледа директно накај Охрид.

5. Стани охритски зет/охритска невеста

Ова е еден од поефикасните начини да ги скратите давачките. Сѐ што треба е да запознаеш слободен жител на Охрид и да инвестираш во свадба, на која мнозинството поканети ќе се охридски сватови. Ќе оформиш силна врска со секој од нив и така ќе имаш повеќе опции за сместување кога ќе ти се влошат односите со свекорот и свекрвата. Ова е двојна добивка затоа што во исто време штедиш и полесно можеш да ја исполниш точка 1.

6. Изгради си дивоградба во Охрид

Ако имаш близок во некоја од поголемите партии уште утре викај мајстори и купувај материјал. Кога ќе ти дојде инспекција, се јавуваш таму каде што ќе ти кажат да се јавиш и чист си. Кога (диво) градбата ќе се изгради, всели се во неа и повторувај една иста реченица: Кога другите ќе ги срушат своите дивоградби, тогаш и јас ќе ја срушам мојава!