ОХРИД НАЈДЕ НАЧИН КАКО ДА ЗАРАБОТИ ОД НЕЛЕГАЛНИТЕ ГРАДБИ: Општината ќе отвора летна школа за дивоградби

По неколку месеци неизвесност на кој начин Охрид ќе се справи со дивоградбите, локалната власт го презентираше новиот план-проект кој предвидува отварање на летна школа за нелегални градби на која ќе се учат основите на бесправното градење и заобиколувањето на законите.

Од извори блиски до Билјанини дознаваме дека на овој начин општината планира да го развие елитниот туризам во нашиот туристички бисер, затоа што според првичните реакции на објавата најголема заинтересираност за учество во школата има кај богатите бизнисмени и политичарите од земјава и регионот.

Општина Охрид ќе издвои милион евра за да им помогне на сопствениците да ги разубават дивоградбите за елитните гости

Засега не се откриваат сите професори на летната школа, но најавено е дека специјален гостин-предавач ќе биде градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој ќе држи часови по предметите „Свечено отворање на дивоградби“, „Напредно отстранување на езерската трска“ и „Поетско читање“.