ОПАЃА ИНТЕРЕСОТ ЗА ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ: Матурант не планира да се запише на факултет

Дончо Ѓ., матурант од Македонска Каменица, 3 месеци пo завршувањето на средното образование не аплицирал на ниту еден факултет и не планира да го стори тоа, пренесуваат домашните медиуми. Ваквата необична одлука нè заинтригира да дознаеме зошто не сака да посвети 3-4 месеци на некој од факултетите и да добие диплома. Ваквата одлука лошо влијае на здравјето на неговите родители кои не можат никако да се помират со ова.

– Значи нè пукна од нервози. Ванчо од комшии на 60 години се запиша прва година на приватен, на 61 дипломираше, 3 месеци подоцна стана доктор. Му викаме да си се запише каде сака, во Скопје, во Штип исто и тука има универзитет на 10 минути пешачење… Ама не сака. Јас не знам како ќе вози такси или ќе биде келнер без високо образование. – велат неговите родители.

Го прашавме и матурантот што го натера да тргне по овој пат по кој поретко се оди. Одговорот му беше чуден и неразбирлив:

– Искрено не сфаќам зошто се крена олкава галама заради моето образование. Ме контактираат медиуми, се јавуваат роднини да ме предомислат… Едноставно бев слаб ученик кој едвај заврши средно, без ниедна прочитана лектира, па сега ќе сум се запишувал на факултет. – ни рече матурантот.

Овој случај не остана незабележан и од Министерството за образование од каде напоменаа дека и покрај нивните напори секој да може за кратко време и малку пари да купи односно да дојде до диплома, ваквите поединци ги туркаат нашите универзитети на дното на Шангајската листа.