НЕМА ОПУШТАЊЕ: МВР ќе казнува криминалци што крадат без маска и ракавици

„Секој што ќе ограби банка без маска, ќе провали во стан без ракавици или ќе џепароши без да ја почитува социјалната дистанца, ќе биде најстрого санкциониран, со казна висока и до 20 евра.“ – рече портпаролот на Министерството за внатешни работи (МВР) и ги замолчи критичарите што ја обвинуваат полицијата дека не пишува доволно казни за непочитување на мерките и препораките.

Пред да почнат казнувањата, МВР ќе се обиде прво да ги едуцира своите најредовни клиенти со помош на новиот прирачник за криминалци, кој ќе има за цел да им покаже на граѓаните од другата страна на законот, како најефикасно да се заштитат од Ковид-19 додека се на работното место и како полесно да напредуваат во кариерата.

Вака треба да изгледа секој совесен криминалец кој се грижи за своето и здравјето на другите

Така, во него ќе има совети за важноста на маската за време на разбојништво, која освен што штити од Ковид-19, исто така оневозможува идентификација, потоа за потребата од ракавици при провалувањето во станови и куќи, се’ до тоа – како да се одржи социјална дистанца при џепарошење во ЈСП или на Бит-пазар.