НЕМА ДА ВИ СЕ ВЕРУВА: Казанчето во Охридско езеро ја открива причината за пропаста на Самоиловото царство

По кадата, плочките и ВЦ шолјата, уште едно епохално откритие кое нуркачите го извлекоа од Охридското езеро ја покажа важноста на Охрид како културна, но и туристичка престолнина која прва во историјата го сфатила значењето на туризмот како важна економска гранка.

Имено, се работи за тоалетно казанче кое, според првичните испитувања, било дел од апартманот изграден на крајот на 10ти век во кој претстојувале првите туристи во градот, а помеѓу нив, за време на илинденските празници во 1013та година, таму бил сместен и византискиот цар Василиј Втори.

Токму за време на неговиот престој во Охрид се појавиле и првите искри помеѓу двајцата императори откако Василиј најпрвин се пожалил на цената на смештајот која била повисока од тоа што му било кажано на автобуската станица, а потоа и на нес-кафето на езерскиот брег, кое чинело повеќе од три златници, и тоа без млеко.

Археолозите ја извлекоа од езерото и омилената шолја на цар Самоил, која е дел од неговиот споменик на плоштадот во Скопје

Според историчарите, ова биле двете најважни причини поради кои Василиј решил веќе наредната година да го нападне Самоиловото царство и да го срамни апартманот со земја, притоа исфрлајќи ги елементите на апартманот во езерото.