ЖРТВИ НА СВОЈАТА НЕИНФОРМИРАНОСТ: Семејство од Штип живее во сиромаштија бидејќи не знае дека дошол животот

И по повеќе од две години од формирањето на новата влада, уште постојат случаи кои поради изолираност од светот не разбрале дека животот наголемо е дојден, платите константно растат, невработени скоро и да нема додека портите на ЕУ ни се отвораат, па поради тоа упорно продолжуваат живеат во сиромаштија.

– Немале ни интернет, ни телефон, ни телевизор повеќе од 3 години. Им ја исклучиле струјата и немале како да се информираат за успесите и резултатите на новата влада, па уште живеат во сиромаштија. Откако им ги кажавме добрите вести и ги опоменавме, тие се извинија и рекоа дека ќе престанат да живеат во беда во најскоро можно време. – ни рекоа од Министерството за труд и социјала.

Според пресметките на МТСП, околу 500 илјади граѓани живеат во информативен мрак

За полесно да застане на нозе семејството доби парична помош во износ од 100 000 денари во нескенирани фискални сметки на кои ќе можат да направат поврат на ДДВ, а бидејќи не поседуваат телефон, дадени им се насоки до најблиските скенери во околината на Штип.