МВР ВО КОНКУРЕНЦИЈА СО ТЕСЛА: Фондот за иновации воодушевен

Маде ин Маседонија. Оваа назнака за потекло досега не беше синоним за квалитет, но сето тоа се менува и во поле во кое никој не очекуваше. МВР после долго размислување реши да ја открие тајната како нивниот службен „Ренџ Ровер“ завршил во Грција.

Како што јавуваат анонимни извори од МВР, не се работи за тоа дека функционер бил со службено возило на одмор, ни за тоа дека ѝ го дал на ќерка му, туку МВР вршеле тест на самовозечки автомобил кој треба да биде конкуренција на гиганти како што е американскиот Тесла.

Првото тест возење беше на релација Македонија – Грција

МВР планира ова самовозечко возило да го користи за свои цели, но се разгледува и можноста за сериско производство. Тие велат дека дополнителна предност е што ова возило е на електричен погон па така ќе има повеќе нафта за да конзумираат граѓаните.

Од Фондот за иновации се воодушевени дека Македонија станува центар на иновации, но не можат уште да определат колкава сума ќе биде доделена на МВР за овој последен крик на технологијата.