МАКЕДОНЦИТЕ ВЛЕГУВААТ ВО ЕУ ЕДЕН ПО ЕДЕН: Владата задоволна од брзината на евроинтеграциските процеси

По веста дека минатата година од училиштата во источна Македонија биле отпишани 130 ученици кои со своите семејства се иселиле надвор од државава, Владата со соопштение ја поздрави нивната одлука и им честита на храброста самоиницијативно да ги забрзаат евроинтеграциските процеси.

Од Владата се надеваат дека доколку иселувањето продолжи со ова темпо, Македонците ќе се најдат во земјите на ЕУ и НАТО побрзо и од предвидувањата на најголемите оптимисти.

„Бројките зборуваат сами за себе. Ова е резултат на добрите економски политики, бескомпримисната борба против корупцијата и чесното и одговорно управување со парите на граѓаните. Со ваква работа, нашите предвидувања се дека до 2030, сите Македонци што не работат во јавна администрација ќе се во ЕУ“ – се вели во соопштението.

Влада на РМ: „На овој начин наместо да им плаќаме на странските инвеститори да доаѓаат кај нас, ние одиме кај нив“

На крајот се истакнува дека освен во евроинтеграциските процеси, иселувањето ќе помогне во растот на БДП по глава на жител, намалувањето на невработеноста и во зголемувањето на девизните приливи од странство.