МАКЕДОНСКИТЕ ФИЛМАЏИИ НИЖАТ УСПЕСИ НАДВОР ОД ЗЕМЈАВА: Во Србија се’ повеќе заинтересирани за екранизација на „македонското сценарио“

Филмот „Живот за сите во Македонија“, кој скоро две години после премиерата ги руши сите рекорди на бокс офисот, не остана незабележан ниту од филмаџиите во регионот.

Имено, од извори блиски до шарпланинецот на српскиот претседател Александар Вучиќ дознаваме дека тамошната опозиција ги откупила правата за „македонското сценарио“ и на големо се спрема да почне со снимање.

Главниот сценарист на филмот кој во моментов го живеат Србите, уплашен дека „македонското сценарио“ ќе го остави без работа

Фчерашни, во обид да ја дознае вистината, ги контактираше филмаџиите во нашата влада, меѓутоа тие ни рекоа дека се обраќаме на погрешна адреса бидејќи правата за сценариото ги поседуваат странски филмски компании.

Како ќе помине екранизацијата во Србија и дали овој римејк ќе го повтори успехот што го имаше оригиналот останува да видиме кога тој ќе почне да се прикажува во кината.