Добри вести за граѓаните што не очекуваа толку брза победа над коронавирусот и направија залихи со храна за наредните три епидеми.
Нивните гаражи, плакари и соби полни со брашно, шеќер, масло и квасец, конечно ќе ја видат светлината на денот и ќе им бидат достапни на газдите, за нешто друго освен за складирање на прехранбени производи.
Имено со новиот пакет мерки од Владата, тие ќе можат да изберат дали да ги продадат производите по 50% пониска цена од пазарната или да продолжат да јадат леб, крофни и погачици, и да заборават на одење во тоалет.

Мерките не предвидуваат откуп на тоалетна хартија и хартиени марамици, затоа што тие немаат рок на траење, па граѓаните нив ќе можат да ги остават во наследство на следните генерации.