ДОЈДЕ ЖИВОТ: Во последниве три месеци од земјава не се иселил ниту еден граѓанин

Напредокот на земјава во евро-атлантските интеграциите, крунисан со влезот во НАТО и датумот за почеток на преговори со ЕУ, што треба да го добиеме секој момент во последниве 3 години, почнаа да ги даваат првите резултати.

Имено, според податоците на Државниот завод за статистика, од денот кога беше прогласена вонредната состојба, која случајно или не, се поклопи со свеченото дезинфицирање на нашето столче во НАТО, до денес – земјава ја напуштиле точно 0 (нула) граѓани.

И нашиот најпознат доктор на науки е во искушение да си дојде дома. но го кочи карантинот од 3-4 години, кој ќе мора да го одлежи кога ќе се врати во земјава

Дамка на овој неверојатен успех фрлаат тврдењата на злобниците што сметаат дека единствена причина за застојот во иселувањето се затворените граници, но нив ги демантираат илјадниците сезонски работници, кои охрабрени од огромниот раст на економијата и начинот на кој власта се справува со Ковид-19, најдоа начин да се вратат во своите домови.