ДОДЕКА НАДЛЕЖНИТЕ ЧЕКААТ ДА ДУВНЕ ВЕТАР И ДА ГО РАСЧИСТИ ВОЗДУХОТ: Министерството за животна средина објави оглас за вработување на врач

По заклучокот на надлежните дека воздухот значително ќе се исчисти откако ќе дувне првиот посилен ветар, заменик-министерот Јани Макрадули, реши да не седи со скрстени раце и да преземе нешто околу тоа.

Така на „Конференцијата за иновативни решенија против загадувањето во Југоисточна Европа“, која се одржува во Белград, тој го промовираше најновиот план, според кој министерството ќе објави оглас за ангажирање на професионален врач, чија задача ќе биде преку ритуали и обреди да го повикува ветрот да дува.

  Со стоечки овации и неколкуминутен аплауз беше поздравено иновативното решение на МЖСПП

– На овој план работевме и го надградувавме цело време додека бевме во опозиција, па може да се каже дека тој го содржи сето она што го научивме низ годините. Убедени во неговата ефикасност, одвоивме само милион и пол евра за борбата против загадувањето и нив ќе ги искористиме да го платиме врачот кој ќе повикува ветар, наместо, како нашите претходници, да ги фрлиме во ветар. – рече Макрадули во обраќањето до медиумите.

Тој на крајот ги замоли граѓаните да бидат трпеливи додека министерството го избере најдобриот и најкомпетентниот меѓу пријавените и апелираше до неговото вработување да се воздржат од излегување надвор и вдишување воздух.