ДЕЈВИД КОПЕРФИЛД ЕКСКЛУЗИВНО ЗА ФЧЕРАШНИ: Најдобрите илузионисти се Македонци!

Нашите политичари инспирација за најпознатиот светски илузионист

По последната илузија што ја изведе екс-премиерот Груевски, кој покрај шест телохранители доделени од МВР успеа да исчезне и да се појави во Унгарија, најпознатиот светски илузионист Дејвид Коперфилд реши да прозбори за неговата поврзаност со Македонија и почитта која тој ја има кон, како што го вика, Жудини и воопшто кон илузионистите во македонската политика.

Нашите политичари инспирација за најпознатиот светски илузионист

Во ексклузивен разговор за Фчерашни, тој ни раскажа дека неговата врска со Македонија трае уште од почетокот на 90тите кога првпат слушнал за илузијата „Приватизација„ која многу успешно се изведувала тука, а веќе по магионичарскиот трик „Штедилници“, кога на граѓаните магично им исчезнаа девизите, знаел дека нема шанси да го достигне тоа ниво на илузија и решил никогаш да не настапува на овие простори, но продолжил да ја следи политичката сцена.

На сликата: причините зошто Коперфилд никогаш не настапил во Македонија

Toj тврди дека на овие простори виреат најдобрите илузионисти на светот, но сепак понекогаш не му е јасна и публиката која често знае да паѓа на исти трикови.

– Искрено, по трикот после кој исчезнаа 5 милијарди евра од буџетот мислев дека публиката ќе е повнимателна да го фати илузионистот ама сум се излажал. Пример последнава илузија на Жудини е веќе видена иако е тешка за изведување, потоа трикот „Влез во ЕУ и НАТО“ кој сите го користат, има многу примери…ама вашата публика и покрај тоа уредно си плаќа карта и си аплаудира. Ретко некој ќе довикне. – рече г-ин Коперфилд за Фчерашни.

На нашето прашање дали би се доселил во Македонија, ни одговори дека никогаш не би го направил тоа бидејќи овде би пропаднал заради големата конкуренција, но истакна дека и понатаму ќе продолжи да ја следи работата на неговите македонски колеги и се надева дека државата ќе успее да го препознае нивниот талент и да ги задржи на отслужување на казната.