ГОЛЕМ УСПЕХ НА ИНСПЕКТОРАТОТ НА ОПШТИНА ЦЕНТАР: Разбиен канал за нелегална трговија со лешници

Инспекциските служби на општина Центар удрија по големите неплаќачи на данок. Така, во големата акција изведена вчера, затворија канал за нелегална трговија со лешници и казнија опасен криминалец кој со години успевал да и’ побегне на правдата.

Акцијата беше изведена пред Т.Ц. Буњаковец, кога за време на извршувањето на своите работни обврски, инспекторите ручале во еден од рестораните во близина и забележале дека лицето на импровизирана тезга продава лешници без одобрение од општината и без да издаде фискална сметка. На видеото што го снимиле минувачи се гледа како инспекторите реагираат според законските регулативи и прописи и најпрофесионално, само со едноцифрен број на пречекорувања на службената должност, ја растураат тезгата и ги расфрлаат лешниците по земја.

Емотивен момент од видеото, кога инспекторите ги занемаруваат регулативите и прпоисите и и’ дозволуваат на жената да си ги собере лешниците што претходно, по закон, ги расфрлале по земја

– Борбата против овие појави ќе остане наш приоритет. Денес видовме дека тие доаѓаат во сите форми, па така овојпат се работи за бабичка, утре ќе се работи за некој социјален случај, задутре за просјак итн. Но без разлика на тоа од кој општествен слој доаѓаат, ние нема да отстапиме и нема да дозволиме корката леб да ја заработуваат на грбот на општината. – ни рече еден од инспекторите.

Тој истакна дека преку овој канал дневно се продавале производи во вредност од неколку стотици денари, што значи буџетите на државата и на општината биле секојдневно оштетувани за десетици денари.