ВЛАДАТА ОБЈАВИ ТЕНДЕР ЗА НАБАВКА НА ЦВЕЌИЊА ЗА 670 ИЛЈАДИ ЕВРА: Конкуренцијата за најубаво среден двор силна како никогаш досега

Веста дека Владата планира да распише тендер за хортикултурно уредување на државните институции односно ќе набави цвеќиња во вредност од 670 илјади евра ја најави најнеизвесната борба досега за најубаво среден двор. Од владата јавија дека сите државни институции ќе добијат ново цвеќе најкасно месец дена пред почетокот на изборот, па ги повикаа граѓаните да се експедитивни за да нема незадоволни.

– Со овој тендер, конечно се уредуваат државните институции и во исто време се одговара на барањата на граѓаните кои се жалат дека после садењето цвеќето многу брзо го снемува. Се надевам дека овие количини ќе потраат доволно долго за сите бидат конкурентни при изборот. – рече портпаролот.

Граѓаните презадоволни од оваа одлука веќе ги спремаат дворовите за изборот, а на некои, кои со години не се бавеле со градинарство, овој тендер повторно им ја разбуди страста.

Дали после овој тендер ваквите пораки ќе станат минато?!

– Преголемата љубов се претвори во мачење кога ја повредив ногата, па не бев доволно брз за редовно да набавувам цвеќе. Дворот стануваше се пожолт, а капак на се’ беше кога една бабичка, најмалку 20 години постара од мене, пред очи ме претрка и го скина последниот цвет на еден од скопските булевари. Тогаш решив да се повлечам, но ова ме врати во живот. Голема благодарност до владата и до институциите кои ќе се уредуваат.