ВЕЛИКОДУШНА ПОНУДА НА ТЕКСТИЛНИТЕ ГАЗДИ: Првите три пати се гратис

Животот на текстилните работнички не е лесен. Сепак, за среќа тука се сопствениците на текстилните погони да им го олеснат.

„Ние решивме дека првите три одења во ВЦ да се гратис. Дали ова беше тешка одлука? Да. Дали ќе нѐ чини многу? Исто така да… Но, сепак нас ни се работниците во прв план“, вели Ејуп Демири од Унијата на сопственици на роб… На текстилни фабрики.

Оттаму велат дека ќе има и други поволности за текстилните работнички како што се бесплатно дишење над 3 кубни метри воздух, слободен ден во годината (а да не е 1-ви јануари) и повеќе работа да немаат каде да ја трошат платата од 12.000 денари во слободно време.

„Нема зошто да им го дишеме воздухот на газдите“, велат текстилците

Синдикатот на текстилни работнички со радост ја поздрави оваа политика изразувајќи надеж дека одењето во ВЦ ќе се намали на два пати за да се тренира бешиката, а за дишењето додаваат дека нема што тие да дишат од воздухот во фабриката, ќе си носат боци од дома, со нивен воздух.